Познатиот британски готвач и телевизиски водител Гордон Ремзи ќе застане на чело на обновената популарна автомобилска емисија „Топ гир“ (Top Gear). Според официјалните најави од британскиот јавен сервис, снимањето на новите епизоди е планирано за 2027 година, при што Ремзи ќе соработува со познатиот мистериозен тест-возач „Стиг“ (The Stig), додека враќањето на телевизиските екрани е предвидено за 2028 година.

Проектот беше привремено прекинат во текот на 2022 година по тешка несреќа што се случи за време на снимањето, во која учествуваше поранешниот водител Ендру „Фреди“ Флинтоф. Емисијата своевремено стекна глобална популарност во форматот започнат во 2002 година, кога водителскиот тим го сочинуваа Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј.

Ремзи претходно трипати се појавуваше како гостин во автомобилскиот серијал, поседува тркачка лиценца и има забележано учество на различни мотоспортски настани. Од продукцијата сè уште не откриваат кои други телевизиски лица ќе му се придружат во реализацијата на обновениот проект.

„Мојата цел е да внесам нова енергија и желба да се создаде нешто навистина возбудливо за новата генерација гледачи“, изјави Ремзи.