Бројот на позитивни случаи на Ковид-19 во однос од минатата недела е зголемен за 65 проценти, но истовремено нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со Ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи, констатира на денешниот состанок Комисијата за заразни болести, информираат од Министерството за здравство.
Согласно овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од Ковид во соседните држави и светот, Комисијата потсетува на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз.
Дополнително, од Комисијата препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска , одржување растојание и почесто миење раце.
Комисијата за заразни болести, се вели во соопштението, внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки.