Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ денеска информираше дека на состанокот, на која се дискутирало за состојбата со коронавирус, била донесена една препорака – задолжително носење на маските во здравствените установи.

Според него, тоа е со цел да се минимизира можноста за пренесување на заразата, особено онаму каде што имаме загрозени групи кои можат да бидат подложни на тешка компликација, како резултат на инфекција со Ковид-19.

Препораката ќе се достави до Министерството за здравство и министерот Меџити.

Во однос на целокупната ситуација во земјата и бројот на лекови, како и вакцинацијата, било заклучено дека во моментов имаме доволно вакцини и лекови кои што можат да бидат на располагање.

Засега нема препораки за маски во јавниот превоз и домовите за стари лица и лицата со посебни потреби. Околу носењето на маски во аптеките, Мехмедовиќ информира дека во тие објекти, препораките се неформални.

Ова следува после појавата на подваријантата на коронавирусот, Ерис во околните земји, но и зголемениот број на ковид-случаи во Србија.

Според портпаролот на КЗБ, во земјава има мал број на случаи на заразени со Ковид-19. Сепак истакна дека не може лесно да се собере инфективниот материјал кој треба да се обработи.

Во моментов на Инфективната клиника има седум пациенти. Претежно се постари пациенти со коморбидитети и повеќето се на кислородна поддршка, информира д-р Мехмедовиќ.