13 – месечно дете од Свети Николе е првиот случај на заразено со вирусот морбили или меѓу народот познати како мали сипаници. Портпаролот на Комисијата за заразни болести, доктор Злате Мехмедовиќ и директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова потврдуваат дека анализите од крвта го потврдуваат првиот случај со морбили во земјава. Детето не било вакцинирано со прва доза против овој вирус, објаснува за Телма доктор Мехмедовиќ.
Во добра здравствена состојба е, прво било хоспитализирано на Одделението за детски болести во штипската Клиничка болница, а потоа по појавата на осипот е изолирано на Инфективното одделение. Се уште не јасно на кој начин е заразено.
Лекарите смируваат дека нема место за паника за здравствената состојба на медицинскиот персонал на Детското одделение во Штип, кои биле во контакт со 13 месечното дете. Сите биле вакцинирани со две дози против овој вирус, направени им се анализи, а на тројца кои немале антитела денеска им е извршена имунизација.
Пред три месеци лекарите од штипскиот Здравствен дом алармираа дека на земјава и се заканува појава на овој вирус. Тогаш предупредија дека до епидемија ќе дојде поради понискиот процент на вакцинирани деца, кој се движи од 60 до 80 % во општините. Пред три години се појавија морбили во Скопје, кога беше прогласена епидемија, овој вирус е високо заразен и се шири преку дишењето. Инфекцијата има инкубација од 14 ден.