Премиерот Христијан Мицкоски од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации предупреди дека довербата во меѓународниот систем се нарушува кога граѓаните гледаат дека правилата не се применуваат еднакво за сите. Тој порача дека преземените обврски не можат да бидат привремена политичка погодност, туку мора да бидат основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина.
Мицкоски рече дека од граѓаните се бара да веруваат во соработката, добрососедските односи, компромисот и заемната почит. Трајниот мир, според него, вреди повеќе од краткорочна политичка победа, а почитувањето на договорите е знак на сила и мудрост.
„Им велиме дека трајниот мир вреди повеќе од краткорочна политичка победа; дека почитувањето на договорите е знак на сила и мудрост, дека тоа е правилната постапка, а не знак на слабост; дека европската и евроатлантската интеграција значат прифаќање правила што важат еднакво за сите.“
Тој оцени дека тој аргумент станува сѐ потежок за одбрана кога граѓаните гледаат дека принципот понекогаш ѝ отстапува место на моќта, дека критериумите можат да се менуваат додека процесот веќе трае или дека од едни држави се очекува доследност што другите не ја бараат секогаш од себеси.
„Не можеме да им велиме на луѓето „Верувајте им на правилата“, кога гледаат дека правилата не важат еднакво. Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање. И не можеме да очекуваме доверба во меѓународните институции ако граѓаните почнат да веруваат дека нивната судбина почесто ја одредува политичката тежина на нивната држава отколку силата на заеднички прифатениот принцип.“
Мицкоски ова го оцени како прашање на легитимитет. Според него, авторитетот на избраните лидери не произлегува само од функцијата, туку од луѓето што ги избираат, бараат одговорност и секојдневно го споредуваат она што им го кажуваат политичарите со она што го гледаат во реалноста.
„Зашто нашиот авторитет како избрани лидери не произлегува од самата функција. Тој произлегува од луѓето што нѐ избираат, што бараат од нас одговорност и што секој ден го споредуваат она што им го кажуваме со она што го гледаат.“
Премиерот говореше и за новата ера на информации, во која луѓето за неколку секунди имаат пристап до содржини од целиот свет, но истовремено се изложени на манипулации, полувистини, фабрикувани слики, пропаганда и организирани дезинформации. Според него, затоа политиката денес има задача не само да информира, туку и да ја заслужи довербата на јавноста.
„Нашата задача повеќе не е само да ги информираме граѓаните. Мора да ја заслужиме нивната доверба.“
Мицкоски додаде дека не е доволно само да им се каже на луѓето што е вистина. Потребни се институции на кои ќе можат да им веруваат и кога вистината е непријатна, додека вредностите треба да се бранат токму во моментите кога е најлесно да се напуштат.
