Премиерот Христијан Мицкоски пред Генералното собрание на Обединетите нации предупреди дека енергетската и технолошката транзиција мора да се спроведуваат внимателно, бидејќи зависноста од ограничен број извори може да создаде нови ризици. Тој порача дека зелената транзиција е неопходна, но мора да биде одржлива и за економиите и за граѓаните.

Мицкоски истакна дека светот повторно ја препознава важноста на сигурната енергија и отпорната инфраструктура. Според него, енергетиката веќе не е само економско прашање, туку сѐ повеќе е поврзана и со националната безбедност. Истовремено, промените во технологијата го менуваат начинот на кој државите планираат производство, снабдување и развој.

Во тој контекст, тој предупреди дека зелената транзиција не смее да создава нови проблеми додека се решаваат постојните.

„Зелената транзиција е неопходна. Но ако ја направиме социјално неодржлива, ќе ја изгубиме политичката поддршка потребна за нејзино спроведување. Ако ја направиме технолошки зависна од мал број извори, ќе создадеме нови предизвици додека ги решаваме старите.“

Мицкоски посочи и на разликите меѓу државите во способноста да ја спроведат транзицијата. Според него, од посиромашните земји не може да се очекува истото темпо доколку немаат еднаков пристап до капитал и технологии.

„Ако очекуваме посиромашните земји да се движат со исто темпо, без да им обезбедиме еднаков пристап до капитал и технологија, ќе создадеме неправда наместо транзиција.“

Затоа, според премиерот, идната климатска политика мора да ги обедини еколошките цели со економските и социјалните потреби. Тој порача дека транзицијата треба да биде реална, достапна и одржлива, а не да создава нови облици на зависност.

„Затоа идната климатска политика мора истовремено да биде и еколошка, и економска, и социјална политика.“