Седницата ја отвори досегашниот претседател на Советот, а сега градоначалник на општина Илинден, Александар Георгиевски, а потоа до изборот на новиот претседател со седницата раководеше најстариот по години член на Советот, Миле Стојановски, соопштија од општината.

За прв пат од постоењето на општина Илинден за претседател на Советот беше избрана жена. Советниците едногласно решија нов претседател на Советот на општина Илинден во наредните четири години да биде Верче Мицевска. Заблагодарувајќи им се на советниците за укажаната доверба, Мицевска истакна дека за неа ова претставува особена чест, но и огромна одговорност пред граѓаните.

Градоначалникот Александар Георгиевски им го честиташе мандатот на новоизбраните советници, посакувајќи им успешна и плодна работа во интерес на жителите на општина Илинден.

Мнозинството во овој состав на Советот го има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со девет советници, СДСМ со коалициските партнери има тројца советници, Група избирачи Трајче Илиевски има двајца советници и Левица доби еден советник, информираа од општината.