По завршувањето на првиот ден од дискусиите за повеќегодишниот буџет на Европската Унија што се одржуваат во Брисел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упати порака за текот на преговорите. Таа оцени дека водените разговори биле конструктивни и добри, но нагласи дека институциите и земјите членки се соочуваат со уште многу обврски пред да се постигне конечен компромис.
„Да одржиме високо ниво на амбиција. Кога станува збор за големината на буџетот, нови сопствени извори на приходи и, секако, роковите“, нагласи Фон дер Лајен во објава на X.
Фон дер Лајен исто така подвлече дека сите земји членки на европскиот блок се целосно свесни за итната потреба од навремено постигнување заеднички договор за седумгодишната буџетска рамка, што е клучно за стабилно функционирање на Унијата.
