Преродба ги обвинува властите за корупција и надворешнополитички пораз
Лидерот на ултранационалистичката партија Преродба, Костадин Костадинов, повторно упати жестоки критики кон бугарската политичка елита и побара итна оставка на Владата. Тој обвини за поради како што рече, „поразот од Република Северна Македонија“ и усвојувањето на Предлог-извештајот за напредокот на нашата земја кон Европската Унија.
„Бугарскиот предлог не доби поддршка“: Извештајот за Македонија помина во Комитетот на ЕП
Според него, овој развој на настаните претставува „национална катастрофа“ на надворешен план.
Оставката на Кирил Петков како „симптом на болеста“
„Фактот дека лидер како Кирил Петков поднесе оставка е симптом на болеста што ја труе и малтретира целата земја, а тоа е корупцијата“, изјавил Костадинов, пренесуваат бугарските медиуми.
Во својот говор, Костадинов не се задржал само на Петков, туку директно ги нападнал и другите политички фигури, барајќи целосна трансформација на бугарската држава.
„Во последните денови видовме она што го гледаме во изминатите 35 години низ цела Бугарија. Крајно време е за оставка на целата политичка елита, за нови избори и за повторно основање на бугарската држава“, додал тој.
Обвинувања и кон Борисов, Пеевски и останатите
Според контроверзниот лидер, истите критики важат и за поранешниот премиер Бојко Борисов, како и за Делјан Пеевски и други личности од политичката сцена, вклучувајќи и дел од опозицијата.
Тој смета дека целата политичка структура е срушена одвнатре од корупција и треба да се рестартира.
„Најдоброто нешто што може да се случи во овој момент, особено со земјотресите во Бугарија откако, за жал, претрпевме многу сериозен надворешно-политички пораз од Република Северна Македонија, најдоброто решение е оставка на Владата и нови избори“, заклучува Костадинов.
Неговата изјава доаѓа во период кога Бугарија се соочува со внатрешна политичка нестабилност, засилена со надворешен притисок поради европската агенда и балканската интеграција.