Во изминатиов месец до мене како градоначалник пристигаат информации дека во некои од клоновите на градинката „11 Октомври“ во Општина Бутел, од страна на некои воспитувачки и негувателки се врши одредено несоодветно однесување кон згрижените дечиња, дури и сомнение за одредено насилство, информира градоначалникот на општината Дарко Костовски.

-Јас лично како градоначалник, пред две недели, по добиени информации охрабрив родители да покренат постапка со која што градинката спроведе дисциплинска постапка поврзана со сличен настан, за да пред неколку дена го направам истото за друг сличен настан и друга случка. Во оваа прилика сакам да ги охрабрам сите родители, доколку имаат вакви или слични проблеми, веднаш да пријават до матичната градинка или пак до Општина Бутел поточно одделението за јавни дејности. Секако ако има посериозни показатели да пријават и до јавното обвинителство Скопје. Веднаш! Не би сакал да верувам дека имало било какво насилство врз дечињата во предшколска возраст, уште помалку би сакал да верувам дека некои од раководните кадри на градинките знаеле за ваков или сличен настан, а не пријавиле веднаш. Доколку има нешто реално од горенаведеново ви ветувам дека јас лично ќе отидам до самиот крај на постапките предвидени согласно прописите и кривичниот закон – вели Костовски.

На телефонскиот број 075274421 граѓаните можат да пријавите каков било сомнеж за несоодветно постапување од вработените во градинките при Општина Бутел, во период од 9 до 16 часот, секој работен ден.

-Во следниот период од страна на мојот кабинет ќе бидат контактирсни буквално сите родители да го искажат својот став поврзан со услугите од градинките – вели Костовски.