„СДСМ како владејачка партија е отворена за сите кои сакаат да се приклучат на парламентарното мнозинство, а тоа не треба да трае долго бидејќи се наоѓаме во многу важен период во очекување на датумот на преговори како и нов бран на пандемијата“, истакна пратеникот на СДСМ Мартин Костовски во гостувањето на 24 Анализа на телевизија 24.

Костовски изрази надеж дека Алтернатива ќе даде придонес во парламентарното мнозинство и во Владата, дека ќе се обединат прогресивните сили кои би дале придонес за отворање на преговорите со ЕУ.

„Мнозинството на Мицковски не успеа и по седми пат, токму случувањата во четвртокот како и деновите потоа го демантираа Христијан Мицковски кој цела недела ветуваше дека има 61 пратеник“, истакна Костовски, додавајќи дека со појавувањето на Кастриот Реџепи, се распука како меур од сапуница реториката на ВМРО-ДПМНЕ.

Костовски нагласи дека Реџепи е пример на еден пратеник кој преку личен пример и однесување придонесува да не се запрат процесите на развој на државата, кој не сака да биде камен на сопнување во евроатлантскиот процес.

„Јавноста треба да знае дека и кога опозицијата глумеше загрижена, а на седници на комисии и на пленарни седници правеше опструкции, нивните пратеници секогаш се потпишуваа за присуство за да земат патни трошоци, ние во четвртокот не се потпишавме, ние сме различни од нив“, порача Костовски.

Што се однесува на барањата на опозицијата за брзи избори, Костовски рече дека СДСМ како партија не е за тоа.

Ние сакаме да направиме сериозни резултати, по кои е се памети ова раководство на СДСМ, влеговме во НАТО, имаме сериозна шанса да ги почнеме преговорите со ЕУ, што би било уште една потврда на историскиот успех на политиките на СДСМ и коалиционите партнери, истакна Костовски додавајќи дека претстои период на стабилизирање на државата, на соочување одговорно со пандемијата, со енергетската криза, со можноста за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Тој нагласи дека мнозинството на СДСМ ќе се зголемува, легитимитетот ќе се зголемува, а ВМРО-ДПМНЕ останува нереформирана партија, која не се оддалечила од матрицата на Никола Груевски и криминалната структура што ја киднапираше Македонија 11 години, исти луѓе, исти напади, ист вокабулар, исти конструкции, ништо не е сменето.