Премиерот кажа дека при наредната посета на Брисел со соодветните сектори ќе се разговара за соработка преку ИПАРД-програмите со цел, како што кажа, да се направи модел на стационар за бездомните кучиња и им се излезе во пресрет на граѓаните и општините за, како што рече, решавање на овој голем проблем.

Коментирајќи ги проблемите со бездомните кучиња кои се актуелизирани во последните денови по убиството на десетина кучиња во Струга, премерот Димитар Ковачевски најави дека иако овој проблем не е во надлежност на државата, ќе се побара помош од Брисел преку ИПАРД-програмите да биде изграден стационар во кој ќе се згрижуваат кучињата скитници.

„Јас разговарав со министерот за земјоделство, при следната посета на Брисел со соодветните сектори да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД-програмите и доколку може да се направи некој модел на стационар којшто ќе биде на некаков државен проект, иако не е ингеренција на државата, со цел да можеме да им помогнеме на граѓаните и на општините во справувањето со овој проблем“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на РЕК „Битола“.

Проблемот со бездомните кучиња премиерот го оцени како многу голем, а нагласи оти градоначалниците воопшто не се занимаваат со него, „како што не се занимаваат со многу работи кои им се во надлежност“.

„Тоа е исклучителна надлежност на општините. Не се работи за тоа дали градоначалниците имаат сила да се справат со проблемот, туку се работи за тоа дали имаат фокус, посветеност и волја да се справат со проблемите коишто им ги довериле граѓаните. Тие треба да се посветат и да ги решаваат проблемите за коишто граѓаните ги избрале“,  додаде Ковачевски

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ во понеделникот соопшти дека во Струга се убиени десетици маалски бездомни кучиња. По објавата на здружението, вчера на службен полициски разговор беше повикан 62-годишник со иницијали М.З. од струшкото село Ливада кој е осомничен дека на 10 јануари во рок од половина час (од 6:45 до 7:15 часот) со својата пушка усмртил седум кучиња скитници.

Во меѓувреме, активистите за заштита на правата на животните објавија дека утре (13 јануари) во 16 часот пред Владата ќе одржат протест на кој ќе го изразат својот револт поради неодамнешните случувања на убиства на бездомни кучиња во Струга.