Сметам дека до недела има доволно денови за да се завршат сите формалности околу составот на техничката влада и таа да биде изгласана во парламентот. Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски, уште еднаш повторувајќи дека техничката влада е законска обврска, во која и политичките партии од власта и од опозиција треба да номинираат свои кандидати, а потоа и да ја изгласаат во Собранието.
„Има доволно време до недела тие формалности да се завршат и в недела да имаме гласање со коешто ќе добиеме техничка влада која што ќе ги спроведе изборите“, рече Ковачевски на прес-конференцијата по состанокот на лидерите од регионот посветен на Планот за раст за Западен Балкан.
Во однос на најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласа за составот на техничката влада иако ќе предложи кандидати за министри во неа, Ковачевски вели дека такво нешто не постои во светската пракса.
„Секој треба да работи во согласност со закон и во согласност со демократските принципи. Предлагате министри и ги поддржувате тие министри, не можете да очекувате да предложите министри, а некој друг да ги поддржува вашите министри. Такво нешто не постои во светската пракса и сметам дека има доволно денови за тоа да се направи до недела“, додаде Ковачевски.