Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска остварија трилатерална средба во Бардолино, Италија, како дел од програмата на работната посета на меѓународниот саем за вино „Винитали” каде лидерите ќе учествуваат на презентациите на вината од трите земји, на заедничкиот штанд на Отворен Балкан.
На средбата се разговараше за имплементација на активностите во рамките на регионалната иницијатива Отворен Балкан, како и заедничкото учество на меѓународниот саем за вино „Винитали”, кој годинава се одржува по 55-ти пат.
„Беше истакнато дека со заедничкото претставување на саемот „Винитали”, еден од винските саеми со највисок квалитет на глобално ниво, го носиме и промовираме винскиот и туристичкиот квалитет на трите земји поблиску до светската публика и потенцијалните инвеститори. Констатирано е дека на заедничкиот Отворен Балкан штанд, македонските, српските и албанските винарии и вина стојат рамо до рамо со светските врвни производители. На заедничкиот настап на трите земји на саемот за вино „Винитали” се гледа како огромна можност за промоција, вмрежување, привлекување на странски инвеститори и отворање нови пазари“, соопшти владиниот Кабинет.
На средбата било потенцирано дека од летово можноста за слободен пристап до пазарот на труд за граѓаните од трите земји станува реалност.
„Правото на пристап до пазарите на труд во трите држави ќе се стекнува многу побрзо и поедноставно, со електронско издавање на Отворен Балкан идентификациски број и издаден единствен матичен број за странец од Министерство за внатрешни работи, по извршените соодветни проверки. Со стартот на реализација на овие договори, на лицата кои ќе добијат Отворен Балкан идентификациски број им се овозможува непречен престој од две години во кој период имаат право да најдат работа“, се наведува во соопштението.
На состанокот било нагласено олеснувањето и забрзувањето на протокот на стоки и подобрувањето на трговската размена меѓу трите земји со воведувањето на зелените ленти на граничните премини.
На состанокот се разговарало и за можни идни активности како Отворен Балкан – младински камп, саем за храна, филмски фестивал но и можноста за отворање на границите меѓу трите земји.