Раководството на ДУИ дејствува против интересите на Албанците и се обидува политички да му помогне на ВМРО-ДПМНЕ да освои повеќе од 60 пратеници на следните парламентарни избори, обвини ВЛЕН. Од коалицијата тврдат дека причината за таквото однесување е обидот на дел од врвот на ДУИ да избегне кривична одговорност за коруптивното работење во претходните влади.
ВЛЕН ја обвини ДУИ дека го блокира Законот за правична застапеност и со тоа директно работи против еден од темелните принципи на Охридскиот рамковен договор. Според коалицијата, актуелното раководство на ДУИ не прифаќа дека мнозинството албански гласачи го испратило во опозиција.
„Ова раководство на ДУИ го мрази мнозинството Албанци кое ги испрати во опозиција. Нивната деструктивност и нагон за самоуништување зазема загрижувачки размери. Блокираат Закон за правична застапеност и директно работат против еден од темелните принципи на Охридскиот договор“, обвини ВЛЕН.
Од коалицијата наведуваат дека ДУИ не ја согледува сопствената одговорност за долгогодишното учество во власта и дека поради начинот на кој владеела го обезвреднила политичкото претставување на Албанците.
„Ова раководство на ДУИ боледува од политичко слепило. Не ја сфаќаат сопствената одговорност. Со нивното криминално владеење цели 22 години во Владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ станаа најлошиот можен претставник на Албанскиот глас. Албанците повеќе не сакаат да бидат претставувани од луѓе кое злоупотребувале и проневериле ЕУ фондови и не им обезбедиле на граѓаните чиста вода за пиење.“
ВЛЕН тврди дека обидите да се прикаже оти правата на Албанците се загрозени само затоа што ДУИ не е дел од актуелната Влада претставуваат свесно дејствување во корист на македонската десница и предавство на албанската кауза.
„Албанците нема никогаш повеќе да се идентификуваат со ова нереформирано ДУИ кое е директно одговорно за обезвреднување на Албанската политика. За да се спасат од кривична одговорност за нивното коруптивно поведение во последните Влади на СДСМ, малата група околу Ахмети се нуди политички да одработи ВМРО-ДПМНЕ да освои повеќе од 60 пратеници на следните парламентарни избори. Обидот да се создава лажна слика дека правата на Албанците се загрозени само затоа што ДУИ не е коалиционен партнер и во оваа Влада е свесно и со умисла одработување за политичките интереси на Македонската десница и предавство на албанската кауза“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
