Не може да барате политичка одговорност за некој што не е на функција, рече премиерот Димитар Ковачевски за одговорните во случајот на Онкологија.

По 20 години, од сè што се изнаслушавме, првпат МВР и Обвинителството, како што рече Ковачевски, влегоа на Онкологија и направија акција во врска со јавно изнесените сомнежи.

„Пардон нема да има за никого, ова е грозен случај. Пардон нема да има за никого, без разлика дали припаѓа на која било политичка партија. Овде се работи за мултипартиски, мултиетнички криминал, кој мора да се расчисти. Ги разбирам загриженоста на граѓаните и нивниот бес. И правото на протест во вакви случаи е добредојдено затоа што врши дополнителен притисок врз институциите побргу да ја завршат својата работа“, потенцира Ковачевски.

Повика случајот да не се политизира бидејќи, според него, овде се работи за истражни дејства, кои ќе бидат спроведени на најпрофесионален начин, уверува Ковачевски.

„И во кои нема да се прави пардон за никого. Очекувам да се спроведе професионална, брза истрага, која ќе идентификува поединци што згрешиле пред законот, но и пред етичките принципи на докторката фела. Да не се прави сензационализам е да не се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци“, рече премиерот.

Политизирањето на случајот ќе значи само на некој начин прикривање некого и институциите да не може најпрофесионално да го завршат она што е почнато. Доста беше 30 години граѓаните да бараат борба со криминалот и корупцијата“, порача Ковачевски.

Според него, никој не смее да врши никакво влијание и притисок во овој случај.

„Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички ниту етнички. Инволвираните, ако сакаат, нека бидат членови и на свет СДСМ и на света ВМРО и на света ДУИ, тој што згрешил, има да одговара“, потенцира Ковачевски.