За тунелот во „Идризово“, кој требало да послужи како излез од затворот за затворениците, премиерот Димитар Ковачевски не сакаше да коментира. Тој посочи дека тоа е работа на службите кои треба да гарантираат безбедност, објави Макфакс.
„Информациите за затворот ги имаат службите за безбедноста во државата, вклучувајќи ги МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за извршување санкции и сè што е потребно е преземено во однос на санирање и унапредување на состојбите во КПД ‘Идризово’“, рече Ковачевски.
Во затворот беше откриен тунел што го копале затворениците. Според информации на „Макфакс“, почетокот на тунелот е од шеталиштето на затворениот дел на затворот, а водел до надвор од затворот. Во овој дел на „Идризово“ казни издржуваат затвореници со високи казни, а меѓу нив има и осудени на доживотен затвор.
Извори за „Макфакс“ посочуваат дека сето ова било добро организирано и се работело по претходно разработен план. Неофицијално, сето ова било правено со месеци од страна на повеќе затвореници, распоредени во смени, во зависност од тоа кој кога ќе добиел термин за излез во шеталиштето.
На терен е излезена и увидна екипа на МВР, односно крим-полиција. Се очекуваат повеќе детали за подоцна.