Есента во земјава и на северната хемисфера ќе почне ноќеска во 02:05 часот по полноќ. Во исто време на јужната полутопка на Земјата ќе настапи пролетта.
Првиот есенски ден е 266-иот ден во годината и ќе трае 12 часа и 7 минути. Сонцето во Скопје ќе изгрее во 6 часот и 22 минути, а ќе зајде во 18 часот и 30 минути. До крајот на годинава остануваат уште 99 дена.
Преминот кон новата сезона е означен со есенската рамноденица – моментот кога Сонцето, гледано од Земјата, го преминува небесниот екватор и го продолжува своето привидно движење кон јужната хемисфера.
По есенската рамноденица, северната хемисфера навлегува во период на постепено скратување на деновите и продолжување на ноќите. Овој тренд продолжува сè до зимската краткодневица во декември.
Есента годинава ќе трае до 21 декември во 14:50 часот, кога календарски започнува зимата.
На првиот ден од есента, според синоптичарите, утрото ќе биде ведро и постудено, а потоа сончево со мала до умерена локална облачност. Максималната температура ќе достигне до 23 степени.
