Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да го мине првото квалификациско коло за последниот гренслем-турнир во сезоната, УС Опен.

Првата Македонка што заигра на Вимблдон загуби од Јапонката Маи Хонтама со 7-6 (1), 6-3 по 106 минути игра. Ѓорческа, која оваа недела е 253. на ВТА-листата во сингл, не успеа да приреди изненадување против 167-рангираната Хонтама.

Мечот не започна добро за 32-годишната тетовка, бидејќи Јапонката рано стигна до предност од 4-1. Ѓорческа, сепак, успеа да го подигне нивото на игра и да се врати во сетот.

Македонската тенисерка израмни на 5-5, а во следниот гем, на сервис на Хонтама, стигна и до 40-40. Јапонката, сепак, успеа да го одбрани својот сервис, по што Ѓорческа го освои и својот гем за 6-6.

Во тај-брејкот Хонтама беше убедлива и го доби со 7-1, со што поведе со 1-0 во сетови.

И вториот сет започна со слично сценарио. Јапонката отвори со водство од 2-0, но Ѓорческа одговори со три гема во низа и направи пресврт.

Сепак, тука застана серијата на македонската тенисерка. Хонтама повторно ја презеде контролата врз сетот и со 6-3 го заврши мечот во своја корист.