Продолжува судењето за случајот „Онкологија“
Во Кривичниот суд продолжува судењето за случајот „Онкологија 1“ со искази на вештаците од Словенија. Недостиг од наоди, недоволно информации за менување на терапијата, пациенти добиле и влошување на состојбата, поради лековите кои им биле давани.
Словенечките експерти нашле пропусти во лекувањето кај 29 пациенти. Во овој случај за несовесно лекување се товарат ексдиректорот Нино Васев и уште двајца доктори.
Во текот на вчерашниот ден беа изнесени нови шокантни сведоштва.
Вчера, словенечкото вешто лице Маја Равник изнесе фрапантни детали за начинот на кој биле третирани дел од пациентите на клиниката. Според нејзините наоди, кај пациенти била воведувана имунотерапија без потребни молекуларни анализи, што директно довело до прогресија на болеста и влошување на состојбата.
Равник посочи случаи каде пациентка истовремено била лекувана за два типа рак без потврда кој е активен, како и давање хемотерапија во терминална фаза.
„Воведената терапија била несоодветна, болеста не била под контрола и тоа довело до дополнително влошување на состојбата заедно со прогресот на болеста“, истакна вештакот пред судот.
Таа додаде дека во најголем дел од анализираните случаи, лекарите не се воделе по медицинските потреби, туку давале лекови без соодветни индикации за конкретниот тип карцином.
