Кубанските власти започнале разговори со американската влада, изјави кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел, додека островот се соочува со тешка економска кризa.

„Целта на овие разговори е преку дијалог да се најдат решенија за билатералните разлики меѓу двете земји“, изјави Дијас-Канел во видео објавено на државната телевизија.

Тој рече дека разговорите од кубанска страна ги водел заедно со поранешниот претседател Раул Кастро и други високи функционери на Комунистичката партија, но не прецизирал кои претставници учествуваат од американска страна.

Разговорите се случуваат во период кога Куба се соочува со сериозна економска криза, чести прекини на струјата и недостиг на гориво, дополнително влошени поради притисокот од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.