Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба утрово ги повика членките на Европската унија да го одбијат барањето на Владимир Путин за плаќање на руските енергенси во рубљи.

-Ако било која земја се согласи на понижувачкото барање на Путин за плаќање на рускиот гас и нафта со рубљи, тоа ќе биде како со една рака да ѝ помагате на Украина, а со другата на Русија да убива Украинци. Ги повикувам релевантните држави да донесат мудар и одговорен избор, напиша Кулеба на Твитер.

Германија смета дека барањето на официјална Москва да плаќаат за увоз на нејзиниот природен гас исклучиво во рубљи, претставува „раскин на договорот“.

Сега ќе разговараме со нашите европски партнери како да одговориме на тоа барање – изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек на прес-конференција во Берлин.