Македонија и УНЕСКО – нови проекти и активна соработка

Зоран Љутков, министерот за култура и туризам и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, учествува на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во Самарканд, Узбекистан. Во своето обраќање, министерот истакна дека Македонија активно учествува во иницијативите на организацијата и ја потврдува својата заложба за развој на образованието, науката, културата и иновациите како дел од одржливиот развој.

„Нашата држава негува посебен респект кон УНЕСКО, организација која го оправдува своето постоење преку промовирање на универзални вредности и развојни цели од заеднички интерес. Горди сме на придонесот што го вложуваме во национални, регионални и меѓународни активности,“ истакна Љутков.

Тој нагласи дека Владата посветува внимание на заштита на културното и природното наследство, климатски предизвици, дигитализација и развој на нови технологии, вклучувајќи вештачка интелигенција.

Охрид и нематеријалното наследство

Љутков потенцира дека Македонија вложува посебни напори за зачувување на Охридскиот Регион, кој повеќе од четири децении е на Листата на светско наследство на УНЕСКО.

„Како држава сме исправени пред предизвикот да ја зачуваме неговата исклучителна универзална вредност и довербата што ни е укажана,“ рече министерот.

Министерот го спомена и мултинационалниот елемент „Традиционална изработка и свирење на гајда“, кој е внесен на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото, и нагласи дека македонски експерти веќе работат на нови номинации.

Образование и регионална соработка

Во областа на образованието, со поддршка на УНЕСКО, е изработен извештај за квалитетот на националниот образовен систем, кој покажува напредок во инклузија, еднаков пристап и безбедна училишна средина.

Љутков изрази благодарност и до Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција за континуираната поддршка и потсети дека Македонија годинава претседава со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа. На крајот од своето обраќање, министерот му посака успешна работа на новоизбраниот генерален директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, и порача:

„Нашата визија е јасна – културата, образованието, науката и иновациите треба да создадат силна синергија за одржлив развој и општествен просперитет.“