Недостигот на вистински знаења и вештини кај дел од лицата кои поседуваат високообразовни дипломи е последица на долгогодишната деградација на образовниот систем во Македонија вели министерката за образование и наука Весна Јаневска, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер. Наместо дипломата да биде потврда за стекнато знаење и компетенции, во изминатите години се создаде практика во која квалификациите се добиваат релативно лесно, а потоа се појавуваат проблеми при соочувањето со реалните работни обврски.

Јаневска отворено зборуваше за состојбите во високото образование, посочувајќи дека со години наназад образовниот систем не успевал да обезбеди соодветно ниво на знаење кај студентите. Како што рече, со нејзината оценка се согласуваат и нејзините колеги универзитетски професори.

„Во еден период во нашата земја се случи деградација на тоа знаење и добивање на дипломи на релативно лесен начин. За жал, образовниот систем во Македонија потфрлил со години наназад, јас ова слободно го кажувам и се согласуваат моите колеги универзитетски професори“, истакна Јаневска.

Таа посочи дека во одредени компании, особено во оние каде работните задачи се строго насочени, најважно е вработениот да ја познава работата и да поседува конкретни вештини. Сепак, проблемот настанува кога лицата со дипломи ќе се соочат со реалните предизвици на работното место, а не располагаат со потребните знаења.

Според министерката, сè уште постои погрешен пристап дека вработениот ќе го научи она што не го совладал во текот на образованието, но во пракса тоа често не се случува.

„Општеството им овозможило да добијат лесни дипломи, со тие дипломи тие бараат работи, но кога ќе дојдат на работа и ќе се соочат со проблемите, сè уште постои став дека ќе се научи, но никогаш не се научува“, рече министерката.

Осврнувајќи се на функционирањето на државните институции, Јаневска нагласи дека професионалната администрација е еден од клучните столбови на државата. Таа посочи дека министрите, директорите и владите се менливи, додека администрацијата треба да обезбеди континуитет и да ја носи институционалната одговорност.

„Администрацијата е таа која ја носи државата, таму еден човек работи за 10 други. Во администрација сум го кажала и на Влада, го кажувам и јавно. Министерот е менлив, директорот е менлив, владата е менлива, администрацијата е таа која треба да ја носи државата, да биде професионална. Сè уште дел од тие луѓе не сфаќаат колкава е нивната тежина“, нагласи Јаневска.

Посебно се осврна и на проблемот со купувањето дипломи, посочувајќи дека одговорноста не е само кај образовните институции кои ги издаваат, туку и кај оние кои се подготвени да платат за да дојдат до квалификација без соодветно вложување во знаење.

„Додека има купувач ќе има и роба. Додека населението сака да купи диплома, вулгарно кажано, дотогаш ќе се најдат универзитети што продаваат дипломи“, изјави министерката.

Јаневска оцени дека проблемот мора да се решава паралелно, преку промени во образовниот систем, но и преку менување на општествениот однос кон образованието и стекнувањето квалификации.

Таа посочи дека ваквите состојби не можат да се надминат за краток период, но нагласи дека процесите се започнати и дека, доколку продолжат со истото темпо, може да се очекува системот постепено да почне да функционира подобро.