Специјалниот пратеник на Европската Унија, Мирослав Лајчак, ги повика Србија и Косово повторно да воспостават дијалог за нормализација на односите, со цел да се избегне повторување на минатомесечното насилство на северот на Косово. По 24 септември, кога околу 30 вооружени Срби упаднаа во селото Бањска на северот на Косово со мнозинско српско население и се забарикадираа во српскиот православен манастир, тензиите меѓу Белград и Приштина се зголемија.

По пукањето, полицијата го опколи манастирот. Во престрелката загинаа тројца напаѓачи и еден косовски полицаец. „Нападите во Бањска променија многу работи и тие треба соодветно да се истражат… Во исто време, дијалогот мора да продолжи“, рече Лајчак по средбата со косовскиот премиер Албин Курти. „Доколку нема дијалог, може да има уште една ескалација“.

Лајчак допатува во посета на регионот со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар и со претставници на Франција, Германија и Италија. По разговорот со Курти, тие во Белград се среќаваат со српскиот претседател Александар Вучиќ. Околу 50.000 Срби кои живеат на северот на Косово не ги признаваат институциите на Приштина и го сметаат Белград за главен град.

Тие често се судираат со косовската полиција и меѓународните мировници, но минатомесечното насилство беше најлошо во последните години.

Лајчак ја повика Приштина да почне да работи на формирање на Заедница на српски општини со цел да се овозможи поголема автономија за областите со српско мнозинско население, но Курти го отфрли предлогот, тврдејќи дека автономијата може да доведе до отцепување на областа со мнозинско српско население и обединување со Србија.

Властите во Приштина го обвинуваат Белград за вооружување и поддршка на српските борци во Бањска, што српските власти го негираат. Лајчак го повика Белград да ги истражи настаните и да ги казни сите сторители на нејзина територија. Србија одбива да ја признае независноста на Косово и се уште го смета за дел од својата територија.