На ВМРО-ДПМНЕ централен фокус му се да добијат парламентарни избори, да се формира влада. Затоа гледа што подобро да биде работата на сите градоначалници како Кисела Вода, Бутел, Аеродром, Ѓорче Петров, така и Скопје. Нема никакви обиди за смена, партијата победи убедливо на локални избори, рејтингот на партијата и по меѓународни анкети е 2 спрема 1 скоро во однос на СДСМ, и тука нема никаква причина за смена, изјави за „Само вистина“ на Канал 5, новинарот Драган Павловиќ Латас.
Латас посочи дека спорот со градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, кој таа го предизвика е несакан инцидент кој е лоша постапка, бидејќи таа носи одговорност пред партијата која ја донела на таа позиција, додека повеќе од јасно е дека во тендерот во Водовод нема ништо спорно.
– Ако го гледате спорот има брзо решение, според документите и дописите добиени од Европска банка, во тендерот во Водовод нема ништо спорно. Што значи нема спорен тендер, Парите не се на македонска сметка ниту ќе бидат, тие се на Европска инвестициона банка и таа ги дава согласно своите проценки. Тие имаат најмногу информации и викаат со тендерот нема ништо спорно, истакна Латас.
Латас додава дека не можеш партија која те донела на таа функција, на тој начин начин да и се обраќаш и да кажеш дека не одговараш.
– Одговараш пред тој што те донел, истакна Латас.
Тој сепак посочи дека тие што гласале за Арсовска не згрешиле, таа има добар капацитет, но заради политичко неискуство влезе во шарено друштво кое и наметнува стил на однесување кој не е нејзин, таа сепак е експерт со студии од странство и член на престижни институции и треба да размисли за својата постапка и да се дифузира тоа.
– Мораат да соработуваат, таа одговара пред гласачите на ВМРО-ДПМНЕ кои ја донеле на власт, одговара и пред сите скопјани затоа што сите плаќаат данок за работа на Скопје од стотина милиони евра годишно, рече Латас.