Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, по вечерашниот пораз од Данска, рече дека неговите избраници немале никакви шанси за да се спротивстават на големиот фаворит.

– Невозможна мисија беше да пружиме поголем отпор. Младите кои треба да бидат нашата иднина добија одредена минутажа, а ние во стручниот штаб треба од сето видено да ги најдеме тие 16-20 играчи кои би и служеле на Македонија во наредните десетина година. Полека ни се разјаснува сликата на кого и во која насока ќе сметаме во иднина. Данската селекција е машинерија. Јас пробував, менував, но толку ни беа силите. Во нашата група имавме силни противници, а тоа денес го покажа Црна Гора со победата над Словенија. Ова ЕП ќе го сфатиме како едно позитивно искуство кое треба да ни користи. Не можам ништо да им замерам на играчите. Некогаш не може да се оди против проблемите. Не вреди да се жалиме. Одиме понатаму, треба добро да се анализира и да се одбере тимот за следните големи предизвици. Поддршката од нашите навивачи е вистинско богатство, истакна Лазаров.

Македонските ракометари со три порази на исто толку натпревари ги завршија настапите на 15-то Европско првенство кое се одржува во Унгарија и во Словачка.