Македонската ракометна репрезентација зад себе го има поразот од Тунис на вториот меч во рамките на Президент Купот на Светското првенство. Нашите момци имаа лош старт на мечот, се вратија во второто полувреме, но потоа одново застанаа.

Предводникот, Кирил Лазаров вели дека Тунис има поквалитетни играчи и исто како Македонија не заслужува да биде дел од оваа фаза на Мундијалот.

Тунис ја заслужи победата, беа подобри токму во оние елементи од играта кои се покажуваат дека, пак, нас ни недостасуваат. Ние имавме можност за подобар резултат, имавме предност од еден гол а потоа и две можности за поголема предност, но очигледно не сме доволни во таквите моменти кога треба да се прекрши резултатот. Тунис имаше поквалитетни играчи, менталитет и заслужено дојде до победата. Мора да кажам дека загубивме од навистина квалитетна селекција која, исто како и нас, не заслужува да игра во Президент купот, но тоа е ракометот“, изјави Лазаров по поразот од Тунижаните.

Овие мечеве по групната фаза ќе бидат шанса за помладите да донијат што поголемо искуство за во иднина, која мора трпеливо да се гради.

И пред почетокот на Президент купот кажав дека ова ќе биде можност за помладите ракометари, дека шанса ќе дадеме на помладите за да стекнат што е можно поголемо искуство и самодоверба за во иднина. Токму тоа ќе биде нашата мисија тука, искуство за помладите. Не чека многу напорна работа при оваа смена на генерациите. Се виде колку ни недостасуваат искусните, но во исто време силно веруваме во оваа младата генерација која во иднина треба да го покажува својот вистински квалитет“.