Повеќе од 770 училишта во Велика Британија, од кои 470 во Шкотска и над 300 во Северна Ирска, добија идентични електронски пораки со закани за поставени бомби.
Полицијата во Шкотска соопшти дека нејзината единица за сајбер криминал и измами спроведува широка истрага за да го утврди изворот на лажните дојави за поставени експлозивни направи.
Властите во Северна Ирска соопштија дека испратените пораки целосно наликуваат на лажните дојави кои беа регистрирани во текот на минатиот месец.
Во исто време, најмалку 300 училишта во Италија беа евакуирани откако добија пораки за поставени бомби, при што директна закана беше упатена и до италијанската премиерка Џорџа Мелони.
„Ќе ве уништиме“, се наведува во дојавите испратени до италијанските училишта, а пораката е потпишана со името Михаил Андропов.
„Поставивме бомба во моторот на автомобилот на вашата премиерка“, гласи пораката испратена директно до Мелони.
Сличен инцидент претходните денови беше регистриран и на италијанска територија, кога заканувачки пораки беа испратени до 280 директори на образовни институции.
Во Европа, супермаркетите, банките за крв, воздушниот сообраќај и телевизиските станици во изминатиот период беа цел на координирани хибридни напади.
Заканувачките електронски пораки што беа испратени до телевизиските куќи и воздухопловите ширум целиот европски континент, исто така, беа потпишани со името Михаил Андропов.
