Полицијата во американскиот град Далас соопшти дека полициските службеници биле повикани на првото пукање во 00:20 часот по локално време во недела, на 1 ноември, во блокот 2600 на улицата Елм во населбата Дип Елум.
Според извештаите на CBS News Texas, оружениот инцидент избувнал во продавница за храна, а пет лица биле застрелани на паркингот за време на престрелката.
Помалку од еден час подоцна, во 1:05 часот наутро, се случило второ пукање на улицата Мејн, во кое, според информациите на новинската агенција, загинале три лица. Половина час подоцна се случило уште едно пукање на улицата Саут Краудус, каде што едно лице го загубило животот.
Вкупно четири лица беа прогласени за мртви за време на пукотниците, додека неколкумина повредени беа веднаш пренесени во локалните болници. Полициските власти соопштија дека осомничените сè уште не се идентификувани.
Телевизиската мрежа WFAA, повикувајќи се на извори од Полициската управа на Далас, објави дека за време на едно од пукањата, еден маж наводно извикал: „Еј, ќе почнам да пукам“.
За време на прес-конференцијата подоцна истото утро, началникот на полицијата во Далас, Даниел Комо, изјави дека неколку полициски службеници биле на само два блока од местото на првото пукање и веднаш успеале да обезбедат мерки за спасување живот на едно лице на самото место на настанот.
Иако осомничените сè уште не се идентификувани, од полицијата соопштија дека повеќе сведоци и други лица се приведени во текот на истрагата.
„Нашите мисли и молитви се со жртвите и нивните семејства по трагичните пукања што се случија преку ноќ во Дип Елам“, изјави во соопштението менаџерката на градот Далас, Кимберли Бизор Толберт.
Таа додаде дека надлежните органи реагирале брзо по добиените повици за помош.
„Полициските службеници од Далас беа на местото на настанот и беа во можност веднаш да реагираат. Полицијата во Далас ќе продолжи да го истражува овој инцидент и да работи на тоа одговорните да се изведат пред лицето на правдата. Ќе обезбедиме дополнителни информации штом ќе бидат достапни“, дополни Бизор Толберт.
За време на одржаната прес-конференција, началникот на полицијата, Комо, посочи дека истражителите планираат да одат од врата до врата во локалните деловни објекти со цел да соберат снимки од безбедносните надзорни камери и детално да го прегледаат секое видео од местото на настанот за сите три инциденти.
„Сосема е неприфатливо нешто вакво да се случи во Далас и ќе направиме сè што е потребно за да ги изведеме одговорните пред лицето на правдата“, рече Комо.
