Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција изнесе сериозни обвинувања на сметка на поранешниот потпретседател на СДС и директор на Царинската управа, Стефан Богоев.

Според партиските тврдења, Богоев е инволвиран во местење на тендер за одржување на хигиена на граничните премини, вреден 300 илјади евра, за што наводно примил и паричен подарок.

Лефков во своето излагање направи директна паралела помеѓу дејствувањето на Богоев и поранешниот лидер на социјалдемократите, Зоран Заев.

„Богоев осомничен за местење на тендер во Царина вреден 300 илјади евра, притоа примил мито во вредност од 2.000 евра за да влијае на исходот на постапката. Детето на Заев, Стефан Богоев продолжи по неговите стапки. Како првиот, така и другиот. Едниот бараше евро за брат му, овој за себе.“

Понатаму, пратеникот посочи уште едно име од структурата на СДС, тврдејќи дека заеднички договарале која точно фирма треба да го добие милионскиот бизнис.

„Александар Спирковски – Џемо, поранешен претседател на ОО на СДС во Прилеп, од јавно достапните информации, заедно со поранешниот потпретседател на СДС, Стефан Богоев, договарале која фирма треба да го добие тендерот за одржување на хигиена на граничните премини и терминали, а со тоа директно овозможиле правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од над 18 милиони денари. Но, тука не завршува приказната. Богац по стапките на Заев, си побарал и подарок за себе, а Џемо истиот му го овозможил. Затоа, поранешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев, се товари и за примање на награда за противзаконито влијание, вредна околу 2.000 евра.“

На крајот од прес-конференцијата, Лефков потенцираше дека предлогот за мерката притвор покажува оти постојат сериозни индиции и докази, повикувајќи ги судските органи на ефикасна завршница.

„Со тоа што е побаран притвор за поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, јасно е дека има цврсти докази за ова кривично дело. Богац е дете на СДС, поточно на Заев. По се изгледа одлучил да чекори по неговите стапки. Тоа е во матрицата на СДС. Криминали, тендери, афери, рекети. Очекуваме од надлежните институции, дека овој пат ќе ги разгледаат сите докази со кои располагаат и ќе го седнат на обвинителната клупа, несудениот наследник на Заев, Стефан Богоев.“