Дезертерот Ковачевски сам призна дека додека бил заменик министер за финансии е исплаќана помош на фирмата Пиксел груп, основана од него, а сега во центарот на аферата „Броило“, тешка 26 милиони евра. ДКСК се буквално пуштени низ вода по вчерашната изјава на Ковачевски, кој сам призна дека наводите од нашите прес конференции се целосно точни, и дека во време кога тој е заменик министер за финансии е исплаќана помош на фирма основана од него, а сега во посед на неговиот кум, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на денешната прес конференција.

Тој посочи дека вчера ДКСК предвреме се обиде да го амнестира Ковачевски.

– Јасно е дека гласот на ДКСК е Ковачевски кој сака да гоа испере криминалот преку наводна констатација на ДКСК дека нема криминал. Како тоа утврдија дека нема судир на интереси и трговија со влијание кога Пиксел груп формирана од самиот Ковачевски е основана 5 месеци откако СДС доаѓа на власт во 2017 година? И за само една година оваа фирма гради фабрика за фотоволтаици. Кои факти ги анализираше ДКСК и врз основа на кои документи утврди дека нема судир на интереси треба да елаборира пред јавноста? Истата оваа Пиксел груп, 8 месеци откако Ковачевски станува премиер влегува во инвестиција од 54 милиони евра, за изградба на фабрика во ТИРЗ Тетово за производство на фотоволтаични панели заедно со бугарски партнер. Бугарската фирма – партнер на Пиксел груп основана од Ковачевски, е основана неколку месеци откако Ковачевски станува премиер во Македонија. Кога ДКСК одлучи повторно да ја штити власта, сега останува ЈО да го истражи патот на парите во Пиксел груп, основана од Ковачевски и неговиот кум, а сега водена само од неговиот кум. Како оваа фирма се наоѓа во вртлогот на аферата Броило од 26 милиони евра, и дали се користени државни влијанија? Не смее да се заборави, ниту дека Пиксел груп е фирмата која ги произведува фотоволтаичните панели, кои КМГ ЕОЛ Квазар на кумот на Ковачевски ги монтира на тендерите добиени од државата во висина од 2 милиони евра, и договорот со ЕВН во вредност од над 2 милиони евра Дека се наликува на злосторничко здружение околу Пиксел груп е и фактот што оваа фирма добива над половина милион евра државна помош, а за половина од тоа време Ковачевски е заменик министер и мандатар за избор на нова влада, појасни Лефков.

Пратеникот порача ЈО да не чека и да истражи, дали и колкаво е влијанието на Ковачевски и дали тој ја злоупотребил својата положба во трупањето на милиони на соларниот картел.

– А ДКСК да престане политички да го амнестира врвот на владата, а со тоа и соларниот картел, а за многу кратко ќе објавиме и кои се причините поради ваквата заштита, додаде тој.