Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче и СДС работат спротивно на ставовите на мнозинството граѓани

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска обвини дека СДСМ и лидерот Венко Филипче ги поддржуваат уставните измени под условите што ги поставува Бугарија, иако, како што рече, мнозинството граѓани имаат спротивен став.

Според Лефков, над 80 проценти од граѓаните сметаат дека не треба да се прифаќаат уставни измени под бугарски диктат.

„Над 80% од граѓаните сметаат дека уставни измени под диктат на Бугарија не треба да се прифаќаат, само Филипче ги промовира и поддржува“, изјави Лефков.

Тој оцени дека СДСМ и Филипче дејствуваат спротивно на интересите на државата и граѓаните.

„Филипче и СДС се ставија директно на тацна на Бугарија и на Румен Радев и одработуваат во интерес на други држави, затоа што се уценети“, рече Лефков.

Обвинувања за работа спротивна на државните интереси

Во своето обраќање, Лефков истакна дека граѓаните сакаат членство во Европската Унија, но без отстапки кои, според него, би биле на штета на националните интереси.

„Филипче и СДС одат против македонскиот народ кој бара пристапување на Македонија во ЕУ, со достоинство, интегритет и идентитет“, нагласи Лефков.

Тој додаде дека СДСМ во изминатите години го ставал партискиот и личниот интерес пред државниот.

„Филипче и СДС секогаш го ставале приватниот интерес пред државниот. Така беше и кога беа на власт изминатите 7 години, а доказ за тоа се нивните полни џебови и распродадените државни и национални интереси“, изјави Лефков.

Според него, граѓаните ја препознаваат политиката на ВМРО-ДПМНЕ и затоа ѝ даваат поддршка.

„Мекото ткиво во Македонија предводено од Филипче и СДС, носи само штета на државата. Затоа, граѓаните даваат огромна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, за да можеме исправено да ја претставуваме нашата историја, култура, јазик и идентитет пред оние кои тоа ни го негираат, а соработуваат токму со Филипче и СДС“, порача Лефков.