Лекот „Фостер“ од 1 август ќе биде достапен со партиципација од 280 денари, но новата цена нема веднаш да важи за сите количини во аптеките. Таа ќе се применува откако ќе се потрошат постојните залихи, чија сегашна цена изнесува 1.081 денар.

Од Фондот за здравствено осигурување тврдат дека замената за „Фостер“, лекот „Блоцета“, веќе е достапна во аптеките без доплата.

По ставањето нови лекови на позитивната листа, дел од граѓаните поднеле претставки до Фондот за одредени аптеки. Според пријавите, некои аптеки не им ги издавале лековите на рецепт, туку ги нуделе само приватно.

Директорот на Фондот, Сашо Клековски, соопшти дека поради ваквите претставки од 8 јули се започнати контроли во аптеките.

Клековски очекува дека проширувањето на позитивната листа со нови лекови, како и конкуренцијата преку генерички лекови, ќе влијаат врз намалување на цените и поголема достапност за пациентите.

Претходно проблем имаше и со издавањето на „клексаните“, кои од 1 јули се ставени на позитивната листа. За нив Фондот најави дека системот за рефундација ќе продолжи да важи до 15 јули.