ФИЛИПЧЕ: СДСМ ВО ПРОЦЕС НА КОНСОЛИДАЦИЈА – ПОТРЕБЕН Е ПОШИРОК ФРОНТ ПРОТИВ ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека партијата се наоѓа во фаза на внатрешна консолидација по резултатите од вториот круг на локалните избори и оставките на дел од раководството.
„Јас ги најавив промените во раководството, во политиките итн. Нашата идеолошка база и политики остануваат исти. Работиме подолг временски период на програмата која во следниот период ќе биде презентирана во јавноста. Работиме и на проширување на опозициската платформа, не само со политички чинители, туку и со граѓански организации, затоа што сметам дека ние сме единствената политичка сила која може да парира и да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ,“ изјави Филипче.
Тој посочи дека една од лекциите од овие избори е дека за да се спротивстават на владејачката партија, потребен е поширок и посилен опозициски фронт.
Филипче нагласи дека засега нема нови оставки во раководството, но ниту нови имиња кои би ги замениле оние што се повлекоа. „Сите се потребни во партијата. Од бројните разговори ќе ги најдам најдобрите луѓе што ќе бидат дел од тимот во следниот период. Ветив дека тоа ќе се случи оваа недела, но сепак ќе треба повеќе време. Не сакам да се избрза со тој процес, но навремено ќе ве информирам,“ рече тој.
На прашањето за одговорноста по изборите, Филипче истакна дека „и за пораз и за победа никогаш не е на еден одговорноста, секогаш е колективна“, додавајќи дека има општини во кои СДСМ остварил солидни резултати.
„Задоволен сум – во дел од општините има зголемување на гласовите од 40 до 100 проценти, што покажува добра партиска работа и заедништво,“ рече Филипче.
Во врска со Изборниот законик, лидерот на СДСМ оцени дека новото законско решение треба да се донесе со консензус меѓу сите партии. „Наш став ќе биде дека влегуваме во таа дискусија да се зборува за отворени листи,“ додаде тој.
За барањето на Левица да има свој претставник во Државната изборна комисија, Филипче изјави дека тоа треба да се разгледа врз основа на конкретна анализа и аргументи.
Тој заклучи дека пратеничката група на СДСМ во Собранието е единствена, и дека партијата продолжува со активности насочени кон внатрешно зацврстување и подготовка за следните политички предизвици.
