Се верува дека повеќе од 5.000 луѓе се мртви, а 10.000 се водат како исчезнати по обилните дождови во североисточна Либија кои доведоа до уривање на две брани, испраќајќи повеќе вода во веќе поплавените области.

Се верува дека загинале најмалку 5.300 луѓе, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на источната либиска влада, пренесе либиската државна агенција ЛАНА.

Од загинатите, најмалку 145 се Египќани, соопштија властите во североисточниот град Тобрук во Либија, пренесе Си-Ен-Ен.

Во источниот град Дерна, кој претрпе најголемо уништување, дури 6.000 луѓе се уште се водат како исчезнати, изјави за либиската телевизија Алмасар Осман Абдулџалил, министер за здравство во владата на истокот на Либија.

Ситуацијата ја нарече катастрофална при вчерашната обиколка на градот.

Се верува дека се измиени цели населби во градот, соопштија властите.

Претходно денеска директорот на болницата Вахда во Дерна, Мохамад ал Кабиси изјави дека бројот на жртвите во катастрофалните поплави е 2.200.

Тој за Ројтерс изјави дека во една област на градот биле убиени 1.700 луѓе, а во друга област загинале 500 луѓе.

Претставници на Црвениот крст и Црвената полумесечина претходно денеска објавија дека бројот на исчезнати достигна 10.000, пренесе АП.

Претставникот на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во Либија, Тамер Рамадан, изјави дека бројот на жртвите во поплавите во Либија е огромен и „може да се измери во илјадници“.

Бурата Даниел ја погоди источна Либија во неделата, носејќи обилни врнежи од дожд и предизвикувајќи поплави.