Контрадикторни се одлуките на Советот на обвинители и Судскиот совет во однос на постапките околу обвинителката Ленче Ристоска и претседателката на Советот Весна Дамена, вели во интервју за РСЕ Министерот за правда Кренар Лога

Министре, како ги коментирате во целост случувањата во Судскиот совет, телото кое е надлежно за избор и разрешување на судии?

Со многу загриженост ги следиме сите настани таму. Веќе го имаме кажано нашиот став – Дека ова нема да придонесе за зголемување на довербата во правосудниот систем. Очекувам и повикувам на разум и што побргу сите овие настани да се минато во нашето општество и нормалната работа да биде дел од работата во иднина на овој орган, што е многу значаен за правосудниот систем.

Дали е контрадикторно тоа што Советот на јавни обвинители најави дека ќе покрене постапка против обвинителката Ленче Ристоска, којашто во јавноста изјави дека ова тело е извод на трговија со влијание, а од друга страна Судскиот совет не покрена дисциплинска постапка против претседателката Весна Дамева, туку прејде директно кон нејзино разрешување?

Да, сите овие настани не се во нормални околности. Јас заедно со Кабинетот ги имаме разгледано овие случувања и дискутираме меѓу себе како е можно за истите врвни органи на правосудниот систем да има двојни аршини. Во едниот да се дава можност без расправа, без причина и без дисциплинска постапка да се разрешува, а во другиот дел, само за една изјава која треба исто така да се докаже дале е или не е така, да се побара во итен рок да се одговара дисциплински.

Мене ми е чудно сето ова. Јас ќе седнам и со претседателот на Совет на обвинители и со обвинителката Ленче Ристоска за сите овие нејзини изјави.

Каква одговорност треба да се бара од судиите коишто долго време чуваат предмети во фиока, каков што беше примерот со судијата од Апелациониот суд, кој девет месеци ја чуваше во фиока пресудата за предметот Таргет-Тврдина, за најголемата афера за прислушување во земјава досега?

И пред да истече рокот, јас со две различни писма побарав од Судски совет да преземаат мерки овие предмети да не застарат. За жал, ништо не е преземено до нивна страна, и дојдовме до оваа ситуација не само од јавности, туку и од меѓународната заедница да имаме силна реакција. Судскиот совет треба да е експедитивен.

Таму имаме случај, кој не е врзан со овој настан, од пред два месеци имавме извештај од надзор на Судот во Куманово, каде од осум точки претседателот на судот не исполнува седум од нив, меѓу нив и за АКМИС, кој бил манипулиран од таа страна. Извештајот е поминат на Судски совет и за жал, не е преземена никаква мерка. Јас, исто така, имам испратено писмо до Советот-зошто и од кои причини немаме реакција од нивна страна. И ќе барам, како што имам најавено, да присуствувам на Судски совет во делот каде што како министер имам право да присуствуван на седница на Судски совет. А исто така, за сите овие девијантни појави да можеме навреме и во делот на законот да имаме измени за да имаме повеќе транспарентност од нивна страна. Во овој дел веќе Министерството години наназад имам преземено мерки и е подобрено на неколку нивоа транспарентноста, но останува уште многу работа, заедно со нив сите овие девијантни работи да добијат крај, еднаш засекогаш.

Каков е вашиот став, каква одговорност треба да се бара, дали станува збор за кривична, за дисциплинска или нешто друго?

Тоа законот ја предвидува, мора да има дисциплинска постапка, па после во законска процедурална постапка ќе треба да се докаже дали тоа е злонамерна или пак пропуст, или од незнаење. Како и да е, ова останува во рамките на надлежности на органите кои што се самостојни и кои треба да се почитуваат до крај.

Работната група за измена на Уставот е конституирана и без поддршка од опозицијата, која се обидува и партиски да обележи дел од експертите во неа. Како тогаш очекувате да помине во Собрание предлогот што ќе го изготват?

Мене ми е жал што ВМРО-ДПМНЕ не е дел од оваа група. Јас ги повикувам уште еднаш да бидат дел од успехот на патот кон европска иднина на Македонија и верувам дека овие се храбри луѓе кои што прифатија да бидат дел од оваа работна група. Тоа се извонредни луѓе бидејќи, во вистинскиот момент најдоа време иако знаеја дека ќе бидат оцрнети од дел од јавноста да го дадат својот придонес за ние да станеме дел од фамилијата на ЕУ.

И верувам дека со нив ќе имаме успешна приказна која треба на јавноста да и ја прикажеме пред да ја усвоиме во Собрание. Ние го имаме делот на изготвување, а предлагач ќе биде Владата и во тој дел ние нашата работа за кратко време ќе ја преставиме пред вас.