Објавувањето на документите поврзани со Џефри Епштајн минатата година станало сериозен политички проблем за администрацијата на Доналд Трамп, призна потпретседателот Џ. Д. Венс, кој оцени дека процесот бил лошо спроведен, особено во делот на комуникацијата со јавноста.
Говорејќи во подкастот „The Joe Rogan Experience“, Венс презеде одговорност за начинот на кој администрацијата ја претставила целата постапка, оценувајќи дека токму недоволно јасните пораки и начинот на објаснување на објавените материјали придонеле за пад на довербата кај дел од јавноста.
„Ако луѓето сакаат да кажат дека лошо се справивме со објавувањето на досиејата на Епштајн, ние сме виновни. Навистина лошо се справивме со тоа – особено со комуникацијата за тоа“, изјави Венс во епизодата емитувана во средата.
Тој додаде дека администрацијата „целосно ја расипала комуникацијата“ околу досиејата, посочувајќи дека токму тоа било една од главните причини поради кои целата иницијатива предизвикала негативни реакции.
Како фактор што дополнително ја нарушил довербата, Венс ја посочи изјавата на тогашната јавна обвинителка Пам Бонди, која тврдеше дека имала папки со документи поврзани со случајот на нејзината маса. Според Венс, таквата изјава кај дел од јавноста создала погрешен впечаток за обемот на материјалите што навистина постоеле и што можело да биде објавено.
Потпретседателот оцени дека документите требало да бидат објавени што е можно побрзо, иако нагласи дека проверката и редактирањето на материјалите заради заштита на жртвите биле процеси што бараат време.
Тој наведе дека истражителите собрале околу шест милиони документи, од кои приближно три милиони биле поврзани со, како што рече, „наследството на Епштајн“.
Во интервјуто Венс зборуваше и за наводните контакти на Епштајн со политички и разузнавачки кругови. Тој изјави дека Епштајн „очигледно имал врски со највисоките нивоа на американското разузнавање“, како и дека имал контакти со „највисоките нивоа на израелското разузнавање“.
Случајот со објавувањето на досието продолжи да има политички последици за администрацијата на Трамп, која минатата година се соочи со критики од различни групи, вклучително и дел од сопствената база на поддржувачи на движењето MAGA.
Темата предизвика поделби меѓу републиканците во Конгресот и голем број реакции на социјалните мрежи, а според оценките во јавноста, станала едно од прашањата што најдолго го оптоварувале Трамп и неговата администрација во текот на минатата година.
