Шефот на „Вагнер“, Евгени Пригожин, објави дека се согласил да го запре походот на своите трупи кон Москва. Ова следува по разговорите со белорускиот лидер Александар Лукашенко, при што Пригожин се согласил на деескалирање на ситуацијата, објавија руските медиуми.
„Владимир Путин утрово го извести Лукашенко за ситуацијата, кој со негова дозвола одржа преговори со Пригожин. Тој го прифати предлогот на Лукашенко за запирање на движењето на ‘Вагнер‘ низ руската територија, како и за натамошни чекори за деескалирање на тензијата“, соопшти прес-службата на Лукашенко.
Понатаму се наведува дека ова покажува дека било можно да се најде прифатлива варијанта за деескалација на ситуацијата со безбедносни гаранции за борците на „Вагнер“.
„Ги запирам моите трупи со цел да избегнеме руско крвопролевање. Ја свртуваме колоната во спротивна насока и заминуваме во нашите кампови“, кажа Пригожин.
Најголемата безбедносна криза во Русија во последните децении почна откако илјадници „вагнеровци“ ноќеска преминаа од Украина во Русија и го окупираа Ростов на Дон, а потоа зазедоа и воени објекти во Воронеж на пат кон Москва. Иако целта на побуната била да го собори раководството на руската војска, Пригожин кажа дека не станува збор за пуч, додека Путин го обвини за велепредавство.