Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Собранието на РМ, на Надзорната расправа „Нефункционална и недоследна примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик“, истакна дека спроведувањето на Законот е обврска на сите институции и дека неговата доследна примена не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки.

Тој нагласи дека Законот е донесен со широк парламентарен консензус на почетокот на 2024 година, а функцијата министер ја презел неколку месеци подоцна, во услови кога не бил воспоставен Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, ниту биле создадени услови за негово оперативно функционирање.

„Недоследната и нефункционална примена на Законот не започнала со оваа Влада. Таа е резултат на долгогодишно отсуство на системски пристап, институционална инерција и недоволна политичка волја. Затоа, денес треба да зборуваме со факти, а не со политички квалификации“, истакна Љутков.

Министерот посочи дека во изминатиот период е формиран Советот за македонски јазик, започната е подготовката на Националната стратегија за македонскиот јазик, лекторските испити се спроведуваат континуирано, а за првпат е воспоставен Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, кој веќе има вработени инспектори што се во процес на обука.

Љутков информираше и дека Владата ги задолжила институциите да обезбедат доследно почитување на законските обврски во однос на ангажирањето лектори, додека податоците што се прибираат ќе бидат основа за креирање на Националната стратегија за македонскиот јазик.

Осврнувајќи се на афирмацијата на македонскиот јазик надвор од државата, министерот потенцираше дека во моментов функционираат 12 лекторати по македонски јазик во 11 земји, а во последните три години се отворени нови лекторати во Тирана, Нитра и Неапол.

„Нашата обврска е македонскиот јазик да добие вистинска, жива и достоинствена институционална заштита. Почитта кон македонскиот јазик не се докажува со декларации, туку со институции што функционираат, со закони што се применуваат и со држава што доследно ги исполнува своите обврски“, порача министерот Љутков.