Возачите кои транзитираат низ Македонија ќе бидат опфатени во системот „Безбеден град“, но додека не се надгради системот, казни нема да стигнуваат.

Дотогаш оние возачи кои возат брзо по македонските автопати со возила со странски сообраќајни таблички, ќе бидат казнувани само од полициските службеници „пресретнувачи“ кои според МВР се во континуитет присутни на коридорите 8 и 10.

„Во врска со возилата за кои прашувате т.н. „пресретнувачи“, ве известуваме дека истите во континуитет се присутни на коридорите 8 и 10 со цел санкционирање на возачите кои ги прекршуваат сообраќајните правила и прописи“, велат од МВР.

Министерот апелираше до сите кои транзитираат низ коридорите 8 и 10 да бидат одговорни, бидејќи функционира системот „безбеден град“ и ќе се однесува за сите, без разлика дали е со македонски или со странски регистарски таблици.

– Брзо, ќе бидете сведоци на целосна, комплетна имплементација на вториот чекор кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски регистарски возила, ќе биде токму тука на овој граничен премин, така што апелирам до граѓаните кои управуваат возила со странски регистарски таблички да ги известат дека прекршоците се констатираат и ќе бидат за брзо време доставени до оние кои не ги почитуваат правилата – рече Тошковски.

Бројот на загинати лица од  февруари до јуни оваа година во сообраќајни незгоди е намален за 40% – од 55 жртви во истиот период минатата година, на 34 оваа година, истакнаа од МВР.