Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска Павловска, уверува дека пациентите во Македонија имаат пристап до истите методи и третмани кои се применуваат и во странство.

Според неа, третманите зависат од степенот на оштетување на кожата и присуството на лузни. Таа нагласи дека од првиот момент лекарите работат на тоа да ги превенираат лузните и да ги сведат на минимум.

– Пациентите добиваат детални совети за правилна нега на изгорената кожа. Таа останува многу нежна и чувствителна дури и по заздравувањето. Препорачуваме хидратантни креми од медицинска козметика. Без парфеми и бои, како и користење на заштитен фактор 50. Најдобро е да се избегнува директно изложување на сонце– изјави Ѓоргиевска Павловска.

Дополнително, сите пациенти добиваат специјални пакетчиња со креми за соодветен третман.

Лекувањето на повредените од пожарот во Кочани: 91 во странство, 14 на клиники во Македонија, а 8 пуштени дома

Напредни хируршки методи достапни и во Македонија

Директорката информираше дека на Клиниката се применуваат и современи хируршки зафати. Тоа  е вградување на експандери за проширување на нормалната кожа, со цел покривање на лузни на лицето, рацете и другите делови од телото.

– Овие техники ги работиме со години. Резултатите се одлични. Нашата Клиника нуди сè што е достапно во меѓународните центри за пластична хирургија – потенцираше Ѓоргиевска Павловска.

Специјалистите постојано ја унапредуваат својата работа. Со цел да им обезбедат на пациентите најдобри можни резултати и да ја подобрат нивната самодоверба и квалитет на живот.

Извор: Курир