Унгарскиот премиер Петер Маѓар оцени дека забрзаното членство на Украина во Европската Унија би било неправедно кон земјите од Западен Балкан, кои со години се во пристапниот процес. Тој на прес-конференција во Брисел, пред состанокот на Европскиот совет, изјави дека Унгарија се залага проширувањето да се води според заслуги и конкретни резултати, објави унгарскиот портал „Телекс“.
„Мислењата се поделени кога станува збор за пристапувањето на Украина во Европската унија. Унгарија е за процес базиран на заслуги и конкретни резултати“, рече Маѓар.
Тој го поздрави договорот постигнат со Украина за правата на унгарското малцинство во Закарпатскиот регион, со што било овозможено отворање на првиот кластер од пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Според Маѓар, унгарската влада не е единствената што се спротивставува на отворањето други преговарачки кластери.
Маѓар нагласи дека Европската Унија не може да ги заобиколи земјите од Западен Балкан, кои веќе долго време преговараат, со тоа што за Украина би применила поинаков модел на проширување.
„Европската унија не може да ги заобиколи земјите од Западен Балкан – кои со години водат преговори – со примена на различен модел на проширување за Украина, бидејќи тоа не би било ниту фер ниту прагматично“, изјави тој.
Според него, меѓу земјите членки постојат различни ставови за тоа како треба да продолжи пристапниот процес на Украина.
„Некои би ги отвориле сите преговарачки поглавја веднаш, а некои би отвориле само две поглавја“, рече Маѓар, додавајќи дека унгарската влада е меѓу земјите членки што сакаат побавно темпо на процесот.
Тој потсети дека за одлуките ќе биде потребна едногласност меѓу сите 27 земји членки.
„Тешко е да се најде компромис меѓу 27-те земји-членки, но се сеќавам на ситуации од минатото кога тоа беше постигнато“, рече премиерот.
Маѓар додаде дека е „малку веројатно“ Унгарија да се согласи со другите земји членки за сите прашања, но нагласи дека ќе ги застапува интересите на унгарскиот народ во секоја дискусија.
„Ние ќе ја претставуваме Унгарија на поинаков начин. Нема да се судриме само заради судир. Без разлика дали ќе се согласиме или ќе ставиме вето на нешто, тоа нема да биде од причини на внатрешна политика или партиски интереси, туку исклучиво врз основа на интересите на Унгарија“, додаде Маѓар.
