Кризниот штаб на Општина Гази Баба доцна во текот на ноќта беше на терен, каде активно се спроведуваа мерки за справување со снежните врнежи и зимските услови, информира градоначалникот Бобан Стефковски.

Со ангажирана механизација се врши чистење на улиците, како и фрлање сол и ризла со цел да се спречи замрзнување на коловозите и да се обезбеди побезбедно движење на граѓаните.

Активностите се спроведуваат и во населените места на Скопска Црна Гора, на потегот од Црешево до Раштак.

Дополнително, во Црешево е воспоставен пункт за механизацијата за зимско одржување, каде што се обезбедени дополнителни количини сол и ризла. Со ова, како што посочува Стефковски, се овозможува побрза реакција и поефикасно делување во сите населени места на овој потег.

Градоначалникот уверува дека општинските служби и ангажираната механизација се мобилизирани и постапуваат согласно состојбата на терен.

Кризниот штаб останува на терен во текот на целата ноќ и ќе продолжи со активностите сè додека има потреба.