Пораки од самитот „Македонија 2025“ во Скопје
Еден од основачите на „Македонија 2025“, Мајк Зафировски, порача дека земјата треба да се насочи кон работите што може директно да ги контролира, наместо да биде блокирана од светските кризи и глобалните предизвици.
Говорејќи на самитот во Скопје, кој годинава се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“, тој оцени дека силна и демократска Македонија би имала значење и за регионот и за Европа.
„Фокусирајте се на она што можете да го контролирате. Ние сме релативно мала земја, случувањата во остатокот од светот може да нè парализираат, порача Зафировски.“
Иновации, инвестиции и вештачка интелигенција
Зафировски посочи дека Европа заостанува во делот на иновациите, што, според него, отвора можност за Македонија.
Тој нагласи дека вештачката интелигенција и технолошките промени ќе донесат големи трансформации, но и нови можности за инвестиции.
„Имате многу регулативи за приватност и ова е прашање за тоа која е вистинската рамнотежа меѓу напредокот на иновациите и заштитата на начинот на живеење. Не се залагам за тоа што може или што треба да се случи, но инвестициите ќе бидат значајни, ќе има победници и губитници, како и во секоја индустриска трансформација. И доколку Македонија постапи мудро, ќе може да привлече вистински инвестиции и инвеститори, но и да комуницира со граѓаните на начин што ќе помогне да се ублажат стравувањата од негативните последици или од тоа што би можела да донесе вештачката интелигенција – истакна Зафировски.“
Тој се осврна и на невработеноста кај младите, посочувајќи дека потребни се конкретни подобрувања и поголема активност.
„Она што го кажав утрово е на многу начини за да ги охрабрам луѓето да ги направат потребните подобрувања наместо да бидат парализирани од глобалните проблеми и да не се движат напред за навистина да им помогнат на граѓаните онаму каде што можат – рече Зафировски.“
Корупцијата и европската перспектива
Осврнувајќи се на претходните ветувања од Чикаго, Зафировски нагласи дека борбата против корупцијата останува клучен предизвик.
„Корупцијата е зло што постои во многу земји. За жал, ниту ние не сме исклучок. Има добар напредок на ова поле, но повторно: праведна земја каде луѓето имаат доверба останува предизвик број еден. Направен е добар напредок. Мислам дека дигитализацијата и другите напори навистина можат да ни помогнат да се придвижиме напред, истакна Зафировски.“
Тој порача дека земјата треба да се стреми кон повисок економски раст, поефикасна администрација и посилни напори за европска интеграција.
„Второто ветување: раст. 3,5 проценти минатата година, многу повисоко од која било земја во регионот. Сè уште мислам дека треба да целиме кон уште повисок раст. Почнуваме од релативно ниска основа, но има многу голем потенцијал. Затоа, продолжете да инсистирате на ставот од перспектива на раст, бизнисите да бидат посилни, паметна регулатива и повеќе извозно ориентирани производи.“
„И третото, да имаме ефикасна и транспарентна влада и вистинска посветеност на пристапувањето кон ЕУ. Сфаќам дека се потребни двајца за да се дојде до договор, но повторно, се обврзавме да ги зголемиме лобистичките напори за да се осигураме дека не слушаат правилно. Постои почит кон земјата, почит кон граѓаните, нашето име и нашата историја, но сепак се потребни дополнителни напори за влез во ЕУ, нагласи Зафировски.“
