Македонците од Република Албанија најостро ги отфрлија обидите за денационализација од страна на Бугарија, нагласувајќи дека нема да дозволат да бидат колатерална штета во европските интеграции на Албанија, поради злоупотребата на ветото од страна на Софија за членството на Албанија во Европската Унија. Македонското малцинство исто така побараа помош од албанската и македонската влада поради грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија, што е спротивно од меѓународното право, нагласувајќи дека тие се Македонци и ќе продолжат со своите активности за унапредување на нивните права во Република Албанија, а побара и воведување на македонски јазик на целата територија на Албанија. Ова беа само дел од главните пораки испратени на четвртиот конгрес на единствената македонска партија во Република Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
На споменатиот конгрес, меѓу другото, за лидер на партијата едногласно повторно беше избран Васил Стерјовски. Тој пред присутните укажа дека на Македонците во Албанија им е потребна силна и авторитетна македонска партија, која ќе биде народна и демократска, ќе работи транспарентно, за права, слободи, правда, демократија и развој на Македонците и на сите граѓани на Република Албанија, како еднакви со еднаквите, еднакви права и слободи за сите.
– Ние сме Македонци. Нас нѐ има многу, многу повеќе во цела Албанија отколку што нѐ бројат во Мала Преспа. Македонците во Албанија не се само во Мала Преспа, туку и во Врбник, Голо Брдо, Гора, Тирана, низ цела Албанија. Македонците во Албанија се вградени во историјата и културата на оваа земја. Ние сме лојални граѓани на оваа земја, затоа што и таа е наша татковина. Нашето единство нѐ прави силни да им одолееме на сите предизвици и негации од сите страни по сите основи – нагласи Стерјовски.
Тој говореше и за претстојниот попис на населението во Албанија, кој ќе се спроведе во октомври, посочувајќи дека мора „максимално да се вклучат заради релевантно попишување на Македонците, имајќи ги предвид сите манипулации што ги вршат Владата во Софија и бугарската амбасада во Тирана да покажат дека Македонците во Албанија се Бугари“.
– Најостро ги отфрламе обидите за денационализација на Македонците од страна на Бугарија. Нема да дозволиме Македонците да бидат колатерална штета во евроатлантските интеграции на Албанија, под бугарски диктат, што Софија го прави со злоупотреба на ветото за членство на Албанија во Европската Унија. Во оваа борба бараме помош и од Владата во Тирана и од Владата во Скопје, бидејќи тоа претставува грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија, спротивно на меѓународното и домашното право – нагласи Стерјовски.
Според него, Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на соработка и братство во македонско-албанските односи.
– Наша задача и натаму останува унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Албанија, наша задача е унапредувањето на положбата и правата на сите етнички заедници во Албанија, а заедно со нив, во координација и соработка, да ја градиме државата Албанија. Бараме договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на реципроцитетна основа – рече тој.
Претседателот на македонската партија исто така нагласи дека Македонската алијанса во соработка со организациите на малцинствата во Албанија мора да се избори за гарантирани квоти во парламентот на Република Албанија за сите малцинства – Македонците, Грците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците, Ромите и Бошњаците.
– Бараме право на образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија во сите степени на образование, во сите места каде што живеат Македонци, право на информирање на државната телевизија и радио со програми на македонски јазик, право на вероисповед на македонски јазик, право на културни и образовани установи за Македонците – посочи Стерјовски, оценувајќи дека функцијата претседател на МАЕИ ја смета за одговорна функција, која бара многу напор.