Нови ленти за побрз излез и влез – олеснување за туристите и камионите
Граничниот премин Богородица ќе добие две нови ленти за излез и една дополнителна за влез на товарни возила, потврди денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на прес-конференција во фокус на подобрување на граничниот проток.
Со оваа интервенција, Министерството за внатрешни работи очекува значително да се намалат метежите, кои се појавуваат секое лето, кога туристи од целиот Балкан тргнуваат на пат кон Грција. Тошковски истакна дека ќе се настојува чекањата, кои знаат да траат со часови, да се скратат преку зголемување на пропусната моќ и оптимизирана организација на преминот.
„Со новите ленти ќе се обидеме значително да го скратиме времето на чекање, особено во летните месеци кога граничниот премин Богородица е под огромен притисок“, рече Тошковски.
Долгорочна стратегија – посебен премин за товарниот сообраќај
Покрај краткорочните мерки, Министерството работи и на долгорочна стратегија, која предвидува пренасочување на товарниот сообраќај кон посебен граничен премин. Ова, според министерот, ќе придонесе за дополнително растеретување на сообраќајниот метеж на Богородица.
„Работиме на решение слично со она што веќе го спроведува Грција, која најави реконструкција на својот граничен премин Евзони, со цел побрз проток на патници и стока“, додаде Тошковски.
Реконструкцијата на грчкиот премин Евзони ја најави и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој посочи дека таа ќе овозможи поефикасно преминување на границата, посебно во шпицот на туристичката сезона.