Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска, 10 септември 2026 година, учествуваше на билатералната вежба меѓу Македонија и Грција за меѓусебна правна помош во случаи на финансиски криминал. Вежбата се спроведува со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Активноста е насочена кон унапредување на практичната соработка меѓу надлежните институции од двете држави. Предвидена е размена на искуства, информации и најдобри практики при постапувањето во случаи поврзани со финансиски криминал и прекугранични криминални активности.

„Безбедноста нема граници. Затоа и нашата соработка не смее да има граници“, истакна Јанев, посочувајќи дека криминалот не познава граници, криминалните мрежи се поврзуваат, а финансиските текови често минуваат низ повеќе држави.

Поради тоа, според директорот на БЈБ, институциите мора да одговорат заеднички, навремено и координирано. Тоа треба да се постигне преку директна размена на информации, ефикасна меѓусебна правна помош, спроведување финансиски истраги, следење сомнителни трансакции и размена на податоци што се значајни за истрагите.

Јанев нагласи дека Македонија и Грција, како соседни земји, имаат посебна одговорност да ја зајакнуваат безбедносната соработка и да создаваат механизми што ќе им овозможат на институциите да бидат чекор пред криминалот.

„Нашата цел не е само да реагираме кога криминалот ќе се случи. Целта е заеднички да бидеме чекор пред него – преку навремено споделување информации, координирани постапки и ефикасна правна помош“, порача Јанев.

Тој оцени дека ваквите вежби се особено значајни бидејќи овозможуваат механизмите за соработка да бидат практично тестирани, а процедурите за постапување во сложени прекугранични случаи дополнително да се унапредат.

„Таму каде што криминалот гледа граница како можност за криење, ние треба да гледаме можност за уште посилна соработка. Силни институции, тесно поврзани партнери и заедничка одговорност се основата за побезбедни граѓани и постабилен регион“, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност.