Македонија и Унгарија ја одржуваат втората меѓувладина седница во Будимпешта
Владината делегација на Македонија предводена од премиерот Христијан Мицкоски денес пристигнува во Будимпешта, каде што ќе се одржи втората меѓувладина седница со Унгарија.
Во рамките на посетата, предвидени се тет-а-тет средба помеѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и бројни билатерални средби меѓу ресорните министри на двете земји. Главен фокус на седницата ќе биде зацврстување на соработката меѓу Македонија и Унгарија во повеќе области.
Муцунски и Сијарто ќе потпишат Акциски план за соработка
Како дел од агендата, утре ќе биде потпишан Акциски план за соработка од страна на министерот за надворешни работи и трговија на Македонија Тимчо Муцунски и неговиот унгарски колега Петер Сијарто.
Акцискиот план ќе опфати размена на експертиза од Унгарската дипломатска академија за јавни службеници во области како што се евроинтеграциите, административните процеси и трговската политика.
Меѓувладина седница и заедничка прес-конференција
Во вторник ќе се одржи заедничка меѓувладина седница, на која ќе се разгледаат нови можности за унапредување на билатералната соработка. По завршувањето на седницата, премиерите Мицкоски и Орбан ќе одржат заедничка прес-конференција.
Ова е втора меѓувладина седница меѓу двете земји, по првата која се одржа во септември минатата година во Охрид.
Унгарија како поддржувач на Македонија во евроинтеграциите
На претходниот владин самит, премиерот Орбан ја потврди поддршката на Унгарија за европската иднина на Македонија, нудејќи се дури и како посредник во дијалогот меѓу Скопје и Софија. Меѓутоа, Бугарија веднаш го одби овој предлог.
Во фокусот на тогашните разговори беше и унгарскиот кредит од 500 милиони евра, за кој Орбан нагласи дека се европски, а не кинески пари, како што тврдеше опозицијата.
Унгарскиот премиер тогаш понуди и дополнителна финансиска помош за Македонија, која Владата би можела да ја искористи во области од свој интерес.
Соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фидес
Двете владејачки партии, ВМРО-ДПМНЕ и Фидес, се братски партии, а според Мицкоски и Орбан, оваа блиска соработка е одлична основа за продлабочување на односите меѓу двете земји.