Христијан Мицкоски во ОН потсети на периодот пред триесет и три години, кога Северна Македонија стана членка на Обединетите нации. Додека Студената војна беше завршена и постоеше надеж за нова ера на соработка, Југославија се распаѓаше во крвопролевање, а војните се водеа непосредно зад границите на земјата.
„Нашиот регион, меѓутоа, живееше во сосема поинаква реалност. Југославија се распаѓаше во крвопролевање. Војни се водеа непосредно зад нашите граници. Стравот дека насилството може да се прошири беше реален.“
Мицкоски нагласи дека во такви околностиМакедонија го избрала мирот и стабилноста. Токму во земјата, како што рече, Обединетите нации воспоставиле прва превентивна мировна мисија во историјата на Организацијата.
„А сепак, мојата земја го избра мирот. Ја избра стабилноста.“
Премиерот порача дека ова искуство оставило длабока поука во националната меморија и ја претстави превентивната дипломатија како суштинска лекција за денешниот свет.
„Мирот не започнува кога војната ќе заврши. Мирот започнува кога политиката е доволно мудра да спречи војната воопшто да започне.“
Во истиот дел од говорот Мицкоски повторно се осврна на поновата историја на Македонија, која, според него, е обележана со безбедносни ризици од регионални размери, постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и интеграцијата. Тој рече дека дел од тие одлуки биле носени по цена на најосновното чувство за достоинство и правда.
„И без намера да звучам поучувачки, ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право — нешто што многумина го земаат здраво за готово — доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја.“
Мицкоски нагласи дека државата донела тешки одлуки и продолжила напред и кога процесите траеле подолго отколку што една генерација можела разумно да очекува.
„Донесовме навистина тешки одлуки. Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува.“
Според него, токму поради таквите искуства довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска. Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш тие правила мора да им обезбедат и предвидливост.
„Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост.“
